Шпионска апликација: За 34 евра нуди следење и увид во телефонот на партнерот

Точка

03/02/2025

17:17

1.563

Големина на фонт

а а а

„Сакам да имам увид во „WhatsApp“ пораките на мојата девојка, таа е во Турција, а јас во Германија“, напиша корисник по име „Hawk“ во мај 2024 година на чатот за поддршка на апликацијата „mSpy“. Соработникот на „mSpy“ му препорача претплата од околу 34 евра месечно.

На овој начин тој може да следи што прави неговата девојка и каква содржина разменува на мобилниот телефон: пораки, историја на пребарување, фотографии и видеоснимки. Исто така, може да ја следи локацијата и тајно да прави слики од екранот на надгледуваниот уред. За да го направи тоа, „Hawk“ би морал да има пристап до нејзиниот телефон и да го знае ПИН-кодот кој го користи неговата девојка, што вработениот во „mSpy“ одби да го открие во разговорот, напиша Дојче веле.


Кривично дело

Шпионските апликации официјално се рекламираат како софтвер за родителите кои сакаат да ги контролираат своите деца. Меѓутоа, во пракса тие често се користат од луѓе кои сакаат тајно да ги шпионираат своите партнери. „Самото добивањето на такви апликации може да претставува кривично дело“, објасни правниот експерт Френк Браутигам.

Браутигам додаде дека често е тешко да се докажат такви прекршувања на законот. Новинарите од германскиот јавен сервис „SWR“ и порталот „netzpolitik.org“ ги тестираа апликациите „mSpy“ и „Scannero“. Откриле дека поддршката често се обидува да ги убеди корисниците да се одлучат за најскапите претплати. Евтиниот почетен пакет лесно прераснува во годишна претплата од над 300 евра. По плаќањето, корисниците добиваат линк за преземање на апликацијата, која не е достапна во „App Store“ или „Google Play Store“.


Инсталирањето на „целниот уред“ не е едноставно, но поддршката нуди помош, дури и кога корисниците експлицитно велат дека сакаат да шпионираат некого тајно. Процесот трае околу 10 минути, вклучувајќи инструкции како да се скријат трагите од апликацијата на уредот.

На веб-платформата, новинарите наскоро можеа да пристапат до чувствителни информации: пораки од „WhatsApp“ или „Tinder“, историјата на пребарување, СМС и е-пошта – практично сè што било напишано на тастатурата.

Рефундирањето претставува проблем

Илјадници корисници пријавија дека мониторингот не работи правилно. Многумина не се свесни дека им е потребен физички пристап до „целниот уред“ за инсталирање на шпионската апликација. Тоа го дознаваат само кога самите ќе го постават прашањето. Кога сакаат да се откажат од купувањето на апликација, повратот на средствата исто така претставува проблем.

Зад сопственоста на апликацијата постои комплицирана мрежа. Веб-страницата „mSpy.com“ ја навела адресата на компанијата „Altercon Group“ во Чешка. Според истражувањето на „SWR“, најверојатно станува збор за адреса на поштенско сандаче во Прага. Но, сите траги водат до украински претприемачи, вклучително и ИТ фирмата „Brainstack“ со седиште во Киев, која ги присвои правата врз називот „mSpy“.


Втората трага води до „Virtuoso Holding FZ-LLC“, новооснована компанија во Обединетите Арапски Емирати, наводно управувана од украинскиот стоматолог Викторија А., која работи како стоматолог во градот Лужк во западна Украина. Во телефонскиот разговор сè било во ред до моментот кога новинарите ја спомнаа нејзината поврзаност со „mSpy“, по што таа одбила понатамошна комуникација. Од друга страна постои сомнеж дека Викторија А. е само фиктивна личност, зад која се кријат оние кои вистински управуваат со овој бизнис.

Новинарите од „SWR“ и порталот „netzpolitik.org“ побарале изјави од овие компании, но не добиле одговори, пренесе Дојче веле.