„Gemini“ во „Google Maps“ ќе ги препознава местата од вашите скриншотови: Еве како работи

Точка

28/03/2025

14:36

1.704

Големина на фонт

а а а

„Google“ воведува нова AI функционалност во „Maps“ апликацијата, која ќе им го олесни планирањето на патувањата на корисниците. Најновото ажурирање носи интеграција со „Gemini“, кој автоматски ќе ги препознава местата од скриншотовите зачувани во вашата галерија. Оваа функција ќе биде особено корисна за оние кои чуваат идеи за патувања преку скриншотови од социјалните мрежи, блогови или новинарски статии.

Новата опција, наречена „Screenshots List“, ќе ви овозможи да ги прегледате сите скриншотови на кои „Gemini“ препознал некоја локација. Системот автоматски ќе ги идентификува местата од сликите и ќе ве праша дали сакате да ги зачувате. Впечатливо е тоа што може да препознае повеќе различни локации на еден скриншот и да прикаже детални информации за секоја од нив.

Заштита на приватноста

„Google“ не ја заборави приватноста на корисниците – оваа „Gemini“ функција ќе биде исклучена по подразбирање, а за нејзино користење ќе биде потребно експлицитно одобрување за пристап до фотографиите. Компанијата најави дека функцијата најпрво ќе биде достапна за корисниците на „iOS“ уреди во САД (на англиски јазик), а подоцна ќе пристигне и на „Android“ платформата.

„Google“ ги унапредува алатките за планирање на патувања

Покрај новата „Gemini“ функција за скриншотови, „Google“ воведува и други корисни алатки за патувања. На страницата „google.com/hotels“ сега можете да ги следите цените на сместувањето и да добивате известувања кога тие значително ќе паднат – слично на постоечката функција за следење на цените на авионските билети на „Google Flights“.

Функцијата за следење на цените на хотелите ќе биде достапна глобално оваа недела, како на мобилни уреди, така и на десктоп компјутери. За да ја користите, потребно е да наведете датум, дестинација, област и филтри како што се оценката на хотелот, а потоа да ја активирате опцијата „Track hotel prices“.

„AI“ асистент за планирање патувања на повеќе јазици

„Google“ продолжува да ги проширува можностите на своите „AI Overviews“ функции. Сега можете да барате предлози за патување не само за градови, туку и за цели региони и држави. На пример, можете да поставите барање: „create an itinerary for Costa Rica with a focus on nature“.

„Google Lens“ со „AI Overviews“ функцијата што ви овозможува да „насочите камера и поставите прашање“ наскоро ќе поддржува пребарувања на повеќе јазици освен англиски, вклучувајќи хинди, индонезиски, јапонски, корејски, португалски и шпански.

За оние кои бараат дополнителна помош при планирање на патувањата, „Google“ препорачува користење на „Gemini Gem“, кој сега е бесплатен за користење.