Нема повеќе седење дома и земање плати, потребна ни е ефикасна администрација, порача Мицкоски

Макфакс

01/04/2025

16:10

14.656

Големина на фонт

а а а

„Јавната администрација не е само механизам за спроведување на законите и политиките, таа е лицето на државата, одраз на нејзината ефикасност и посветеност кон граѓаните. Колку е подобро организирана, толку побргу и поквалитетно ќе ги испорачува услугите. За жал, во изминатите години сведочевме на слабости, партизираност, неефикасност, недоволна компетентност на одредени кадри. Сега е време за промени“, рече премиерот Христијан Мицкоски на втората по ред седница на Советот за реформа на јавната администрација.

Мицкоски исто така истакна дека нема веќе седење дома и земање плати и дека Владата ќе се фокусира на одредени елементи во јавната администрација да ја направи поефикасна.

„Можам да соопштам дека нема повеќе луѓе што седат дома и земаат плата.

Се бориме за систем на заслуги наместо партиски влијанија.

Професионалната администрација подразбира дека вработувањата и унапредувањата се засноваат на знаење, вештини и резултати, а не на политички или лични врски. Воведувањето транспарентни критериуми за селекција, тестирање и континуирана евалуација ќе гарантира дека само најдобрите ќе бидат дел од институциите.

Според него, професионалец не е само оној што знае, туку и оној што работи одговорно и транспарентно.


„Ќе ги зајакнеме етичката свест и механизмите за отчетност на администрацијата кон граѓаните.

Дигитализацијата за поголема ефикасност е многу значајна. Современата јавна администрација мора да биде технолошки напредна. Ќе инвестираме во дигитални алатки, кои ќе го намалат времето на обработка на барањата, ќе ги елиминираат непотребните чекори и ќе ја зголемат ефикасноста.

Квалитетната администрација бара мотивирани и задоволни службеници. Тоа значи подобри работни услови, фер плати и можности за напредување врз основа на реални заслуги“, рече тој.

Мицкоски нагласи дека јавната администрација е сервис за граѓаните и дека реформата мора да се спроведе ако сакаме европска држава.

„Ова не е промена што се случува преку ноќ, но е реформа што мора да ја спроведеме доколку сакаме модерна, европска држава. Јавната администрација мора да биде сервис за граѓаните, а не институција што ја кочи државата. Време е да создадеме систем во кој професионалците ќе ја движат администрацијата напред“, заклучи Мицкоски.