Фетаи: Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство, кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија

Макфакс

07/04/2025

15:06

277

Големина на фонт

а а а

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска оствари работна средба со г. Габриел Гуалано де Годој, претставник на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Скопје, со кого разговараше за извонредниот напредок што го постигна Северна Македонија во елиминацијата на појавата на лица без државјанство.

За време на средбата беше истакнато дека Северна Македонија е веќе позитивен пример во рамките на глобалната алијанса за решавање на лица без државјанството позиционирајќи се како регионален и глобален лидер во оваа област. Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство, кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија, при што остануваат само уште два нерешени случаја, кои се однесуваат на граѓани од други поранешни републики што живееле на територијата на нашата земја пред распадот.

Дополнително, евидентирани се и 153 други случаи на лица без државјанство, кои главно се резултат на нерегистрирање деца по раѓањето. Од овие случаи, 90 проценти се од ромската заедница, 7 проценти се Албанци, 1 процент Македонци и 2 процента се од други етнички групи.

„Решавањето на проблемот со лицата без државјанство е многу повеќе од статистички предизвик – тоа е хуман и трансформативен чин, што директно го менува животот на луѓето“, беше потенцирано на средбата.

„Измените на Законот за државјанството имаа длабоко влијание врз животот на многу граѓани враќајќи им го човековото достоинство, кое им било скратено повеќе од три децении“, истакна Фетаи.

Заменик-претседателот на Владата ја повтори заложбата на Владата да продолжи со изградба на инклузивно општество, каде што секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина на државата.

„Нашата заложба за измена на Законот за државјанството ги трансформира животите на овие луѓе и семејства враќајќи им го човековото достоинство, кое им беше скратено три децении по ред. Оваа заложба не запира тука. Ќе продолжиме да градиме инклузивно општество, во кое секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина“, констатира Фетаи.