Хорор на стадион – има и загинати: Полицијата прегази момче и девојка за време на стампедо на натпревар

Точка

11/04/2025

14:01

2.972

Големина на фонт

а а а

Голема трагедија го потресе чилеанскиот фудбал во четвртокот навечер, непосредно пред натпреварот од Копа Либертадорес меѓу Коло Коло и Форталеза на стадионот „Монументал“ во Сантијаго. Во инцидентот кој се случи пред влезот на стадионот, загинаа две лица, а натпреварот беше прекинат.

Според локалниот обвинител Франсиско Моралес, инцидентот настанал кога група навивачи се обидела насилно да влезе преку помошниот објект „Каса Алба“, кој се наоѓа покрај стадионот. Полицијата интервенирала во обид да го спречи упадот, а хаосот започнал откако возило на специјалната единица испукало млаз вода, што предизвикало паника и масовно бегство.

Во тој метеж, паднала заштитната ограда, под која останале заглавени две лица. Порталот "Deportivo" пренесува дека едно полициско возило прегазило 13-годишно момче и 18-годишна девојка, без да ги забележи во хаосот.

„Настана стампедо, а оградата се урна. Испитуваме дали полициското возило имало директна поврзаност со смртта на овие лица“, изјави обвинителот Моралес.

Едно лице починало на самото место, додека другото подлегнало на повредите во болница.


И покрај трагедијата, натпреварот започна, но нови инциденти избија во 70. минута, при резултат без голови. Група домашни навивачи почнаа да фрлаат предмети кон теренот, поради што играчите на Форталеза се повлекоа во соблекувалната. Капитенот на Коло Коло, Естебан Павез, заедно со Артуро Видал, се обидоа да ја смират ситуацијата, но неуспешно.


Главниот судија, Уругваецот Густаво Тејера, официјално го прекина натпреварот, по што следеше и потврда од страна на КОНМЕБОЛ.

„КОНМЕБОЛ длабоко жали за смртта на двајца навивачи во близина на стадионот Монументал. Изразуваме искрено сочувство до семејствата и најблиските на настраданите“, се наведува во соопштението на Јужноамериканската фудбалска конфедерација.