Лидерот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, најави дека вечерва ќе ги продолжи разговорите со лидерите од „Вреди“ по најавите дека коалицијата ќе прерасне во една политичка партија, која како еден голем политички субјект ќе настапи на претстојните локални избори, но за тоа сè уште нема согласност од Таравари.
„Од ‘Вреди’ ги продолжуваме разговорите. Вечерва имам состанок, сите четири-пет претседатели на партиите. Континуирано има комуникација. Се надевам дека работните групи ќе продолжат и ќе изнајдат најдобро можно решение што нема да биде фрустрирачко или, да речам, демотивирачко за партиите што се дел од ‘Вреди’“, рече денес лидерот Таравари по посетата на болницата во Гостивар.
Несогласувањата во коалицијата „Вреди“ излегоа во јавност на крајот на минтиот месец. Партнерите во коалицијата на неколку состаноци не успеаја да се договорат која парија колку градоначалници ќе предложи за локалните избори наесен. Имаше шпекулации дека министерот Таравари побарал 50 отсто од кандидатите за градоначалници да бидат од неговата партија, на што не биле согласни другите партнери во коалицијата. Таравари ниту демантира ниту потврди дека барал 50 отсто од кандидатите да бидат од неговата партија. Тој рече дека не бил известен оти другите лидери веќе се договориле „Вреди“ да стане политичка партија и преку медиумите им порача дека може да го задржат името, а Алијансата за Албанците да оди сама на локалните избори.
Лидерот на Демократско движење и министер за животна средина, Изет Меџити, како еден од основачите на “Вреди“, го повика Таравари да остане во коалицијата и му порача да ги прекине преговорите со Демократската унија за интеграција.