Поранешни министри и директори меѓу новоосомничените за пожарот во „Пулс“, се бара притвор за четири лица

Макфакс

13/04/2025

17:00

2.642

Големина на фонт

а а а

За четворица од новоосомничените за пожарот во Кочани Обвинителството бара притвор, за седум мерка куќен притвор во комбинација со забрана за комуникација, а за уште седум лица се бараат мерки на претпазливост. Еден осомничен не е во државата, извести републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Соопштувајќи детали, тој рече дека досега се осомничени вкупно 47 физички и три правни лица. Истрагата опфаќа сопственици и управители на клубот, корисници на пиротехниката, обезбедувачи. Дополнително, како што објави Коцевски, се истражуваат сите институции и службени лица кои довеле до тоа кабарето „Пулс“ да врши угостителска дејност без да исполнува законски услови.

Во таа насока осомичени се и поранешни функционери, меѓу кои тројцата градоначалници на Кочани, но со проширувањето на истрагата и тројца овластени општински градежни инспектори кои не извршиле контроли во објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во кабаре, без никакви безбедносни стандарди.


Во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена и за уштре тројца директори, вклучително и актуелниот директор. Постои сомнение дека целосно ги запоставиле своите надлежности, и тоа, не само на овој клуб туку и на останатите во државата.

„Низ годините ниту еднаш не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор на објекти кои вршат угостителска дејност“, рече Коцевски.


Покрај осомничениот министер за економија, државниот секретар и тројца службеници, новоосомничени се уште тројца поранешни министри за економија, уште двајца државни секретари во ова министерство и уште три службени лица на раководни позиции надлежни за угостителство и туризам. Се истражуваат оти му овозможиле на „Пулс“ да добива лиценци незаконито од отворањето до пожарот.


Основното јавно обвинителство вчера објави дека ја прошири истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на нови 19 лица. Сите, како и претходните, се осомничени за Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.