Александар Трајковски ретко добива шанса од Џенаро Гатузо веќе некое време, но вчера италијанскиот стручњак му се довери на искусниот македонски репрезентативец, кој подоцна се претвори во јунак и спасител на Хајдук.
Во натпревар во кој домашниот тим губеше со 0:1 и имаше играч помалку на теренот поради исклучувањето на Лучиќ, Хајдук на очајнички начини се обидуваше да избегне пораз, а тоа му успеа благодарение на Трајковски.
Алекс добро ја намириса опасноста и во напаѓачки манири ја смести топката во мрежата на Локомотива, па по погодокот за 1:1 вреден важен бод во битката за титула, Трајковски му испрати и порака на Гатузо.
– Добро е чувството кога ќе постигнете гол, се надевам дека во иднина ќе добијам многу повеќе шанси од тренерот и дека ќе продолжиме да играме добро.
– Кога доаѓате во ситуација во каква бевме ние, мора да ја читате играта, одите на чувство и јас барав простор на втората статива. Погодив и успеавме да освоиме бод, тоа дефинитивно е подобро од пораз. Ние не ги гледаме ривалите, се гледаме само себе. Ние сме Хајдук, одиме на победа на секој меч. Ако биде Бог со нас, на крајот ќе ја освоиме титулата, – изјавил Трајковски пред новинарите.