Барселона и Реал Мадрид остварија тешки и минимални победи на гостински терен со резултат 0:1 изминатиов викенд, па така останаа еден до друг во жестоката битка за титулата која пред завршните седум рунди изгледа дека ќе добие разрешница при самиот крај.
Фактот што двата тима треба да одиграат меѓусебен дуел до крајот на сезоната ги прави возбудувањата уште поголеми, а шпанската Федерација сега го одреди и официјалниот термин за одигрување на второто „Ел Класико“ во домашното првенство.
Барселона ќе биде домаќин на Реал на „Монжуик“ на 11-ти мај во 16:15 часот, натпревар кој според проценките и најавите треба да го одреди новиот шпански шампион.
Натпреварот од 35-то коло во Ла Лига дефинитивно се чека со големо нетрпение во двата табори, но дотогаш, Барселона ќе одигра со Селта, Мајорка и Валјадолид, додека Реал го чекаат дуели со Атлетик Билбао, Селта и Хетафе.
Во меѓувреме, Барса и Реал ќе одиграат големо дерби и во финалето во Копа дел Реј, натпревар кој е закажан за 26-ти април во Севилја (22:00 часот).