Клаудио Раниери успеа да ја препороди и да ја стабилизира Рома во краток временски интервал, но и покрај тоа што се извршија големи притисоци да остане барем уште една сезона, искусниот стручњак минатата седмица најави дека нема да го продолжи својот краткорочен ангажман.
Ако се суди според тоа, Раниери вчера го одработи последното дерби против Лацио на „Олимпико“, а откако остана непоразен, не криеше дека Рома треба да биде позадоволна од резултатот со оглед прикажаното на теренот.
– Можевме да минеме подобро, но можеме и многу полошо. Не им создававме доволно проблеми и ги повикувавме ривалите да не нападнат. Дербито донесе тензија како и секогаш, а мора да се признае дека Лацио направи повеќе кога се во прашање создадените шанси. Ние направивме помалку работи на теренот, но го прифаќам бодот и си заминувам задоволен, – изјави Раниери.
Искусниот стручњак во својот нов мандат во Рома успеа да препороди и неколку фудбалери, а еден од нив е Матијас Соуле кој вчера постигна фантастичен гол за поделба на бодовите.
– Кога игра на крило, Матијас може да биде лидер на оваа Рома. За жал, во првото полувреме не го користевме онака како што треба. Бевме премногу бавни и не успевавме да го ставиме во добра позиција и често беше удвоен од ривалите. Соуле е играч кој поседува голем квалитет, секогаш знае каде е голот и иднината на Рома е во негови нозе. Тој има сè што е потребно за да блесне во сиот сјај, – вели Раниери.