Кубанско-американскиот актер Вилијам Леви, кој е познат по улогите на заводник од сапуниците, минатиот викенд бил уапсен во Форт Лодердејл, Флорида.
44-годишникот бил уапсен бидејќи бил пијан на јавно место и упаднал во нечиј приватен имот. Според евиденцијата за апсење до која дошле локалните вести, тој бил „многу алкохолизиран и предизвикувал вознемиреност во ресторанот“, а менаџерот му рекол да не се враќа.
Во вторникот попладне, Леви се појавил на суд, каде што судијата му одредил кауција од 500 долари. Истата вечер тој бил ослободен од затвор. Се обидел да ги избегне новинарите, но безуспешно, а потоа ја раскажал својата верзија на приказната.
„Се обидував да останам смирен“
Тој објаснил дека се обидел да ја прекине расправијата, но дека на крајот завршил со лисици и демантирал дека ја нападнал вработената во ресторанот.
„Цело време се обидував да останам смирен. На крајот јас бев тој што мораше да си замине“, им рекол Леви на насобраните новинари.
Кога го прашале за обвинението за упад во нечиј приватен имот, Леви кратко одговорил: „Па, мораа да ме уапсат поради нешто“.
Тој се развел минатата година
Пред една година актерот се развел од Елизабет Гутиерез со која беше во брак 20 години. Во мај минатата година за магазинот „HOLA!“ Гутиерез изјавила дека Вилијам бил љубовта на нејзиниот живот, но дека двајцата тргнале по свој пат бидејќи посакувале различни нешта. Но, нивниот брак бил далеку од мирен и бајковит – имале неколку полициски интервенции поради семејни расправии, а во едната биле вклучени и деца.
Инаку Вилијам е познат и по своите афери, а постојат гласини дека тој ја изневерил Елизабет со дури 80 жени.
Тој е најпознат по улогите во сапуниците „Triunfo del amor“ и „Sortilegio“. Леви се обидел да изгради кариера и во Холивуд, но не бил многу успешен. Според „IMDb“, тој се појавил во филмовите: „The Single Moms Club“, „Addicted“ и „Resident Evil: The Final Chapter“.