Иран: „Целиот наш воен потенцијал е подготвен“

Макфакс

18/04/2025

08:33

1.715

Големина на фонт

а а а

Техеран е подготвен да се одбрани од какво било мешање и закани, а целиот воен потенцијал е подготвен да ја одбрани земјата, изјави синоќа иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.

„Целиот наш воен потенцијал е подготвен да ја брани земјата, немаме намера да станеме закана за регионот околу нас, но решително ќе се браниме од секоја закана и секое посегнување“, рече Аракчи на прием во иранската амбасада во Москва по повод Денот на иранската армија, пренесе РИА Новости.

Иранскиот министер ја даде оваа изјава во екот на подготовките за втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави за иранската нуклеарна програма, како и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека доколку нема договор, Иран треба да очекува „невидено бомбардирање“.


Аракчи вчера пристигна во посета на Москва, а претходно се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, на кого му пренесе порака од врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

Според Аракџи, со рускиот лидер биле разгледани индиректните преговори меѓу Иран и САД, како и голем број други прашања. Шефот на иранското Министерство за надворешни работи денес ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Индиректни разговори меѓу претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, се одржаа на 12 април во главниот град на Оман, Мускат.

Според специјалниот пратеник на американскиот лидер, разговорите биле позитивни и конструктивни. Аракчи, исто така, ја опиша атмосферата на овие разговори како конструктивна и мирна, а по разговорите објави дека втората рунда преговори меѓу Иран и САД ќе се одржи во сабота, на 19 април.