Свириденко: Украина е подготвена за преговори, но не и за предавање

Макфакс

23/04/2025

17:06

311

Големина на фонт

а а а

Украина е подготвена за преговори, но не и за предавање, изјави денес украинската вицепремиерка Јулија Свириденко, откако медиумските извештаи открија детали за американскиот предлог за договор според кој Украина би се откажала од речиси целата територија окупирана од Русија.

„Нема да има договор што ќе ѝ даде на Русија посилна основа за прегрупирање и враќање со поголемо насилство. Нашиот народ нема да прифати замрзнат конфликт преправен како мир“, напиша Свириденко на платформата X.

Медиумите оваа недела објавија детали за предлогот на Вашингтон за договор меѓу Киев и Москва, кој предлага официјално признавање на окупираниот украински полуостров Крим како руски, како и задржување на „де факто“ контролата на Москва врз поголемиот дел од освоената територија.

Од друга страна, потпретседателот на САД, Венс, изјави дека САД им претставиле „многу јасен предлог“ на Русија и Украина за можно мировно решение, велејќи дека „време е тие да се согласат или САД ќе се повлечат од процесот“.

Од друга страна, Украина се залагаше за целосно, итно и безусловно примирје, со продолжување на преговорите откако ќе се воспостави.

„Целосен прекин на огнот – на копно, во воздух и на море – е неопходен прв чекор“, рече Свириденко, додавајќи дека Киев ќе одговори на ист начин ако Москва се одлучи за ограничена пауза наместо тоа.

Рускиот претседател Владимир Путин понуди да ја запре инвазијата на Украина по сегашната линија на фронтот, како дел од напорите за постигнување мировен договор со американскиот претседател Доналд Трамп, објави вчера „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање.