Во земјотресот во Истанбул повредени 150 луѓе, во паника скокале од згради

Макфакс

23/04/2025

18:23

324

Големина на фонт

а а а

Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Истанбул. Епицентарот на земјотресот, кој се случи во 12 часот и 49 минути по локално време, е во областа Силиври, област која се наоѓа на околу 80 километри западно од Истанбул. Земјотресот се случил на длабочина од 6,92 километри, соопшти АФАД.

Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека повеќе од 150 луѓе завршиле во болница со повреди здобиени додека се обидувале да избегаат од зградите, пренесе Асошиејтед прес.

Земјотресот е почувствуван и во соседните провинции Текирдаг, Јалова, Бурса и Баликесир, како и во градот Измир, кој се наоѓа на околу 550 километри јужно од Истанбул.

Регистрирани се неколку последователни потреси, меѓу кои и еден со јачина од 5,3 степени.

„Поради паника, 151 наш сограѓанин се повредени скокајќи од височина“, соопшти Кабинетот на гувернерот на Истанбул.

„Тие се лекуваат во болници, а ничиј живот не е во опасност“, додаде тој.

Многу жители побрзаа кон парковите, училишните дворови и другите отворени површини за да избегнат да бидат во близина на згради во случај на уривање или повеќе последователни потреси.

Некои поставија шатори во парковите.

„Фала му на Бога, се чини дека засега нема поголеми проблеми“, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган на настанот по повод Денот на националниот суверенитет и Денот на детето.

„Господ да не заштити од сите неволји, катастрофи, несреќи и проблеми“, додаде тој.