ЕУ: Ако не постигнеме договор со Америка за царините, ќе одговориме со контрамерки

Макфакс

23/04/2025

18:24

252

Големина на фонт

а а а

Европската унија првенствено сака да преговара за решение со САД во однос на трговијата, но доколку нема договор, ЕУ ќе одговори со контрамерки, изјави денеска во Вашингтон, Валдис Домбровскис, комесар за економија на Европската комисија.

Говорејќи на пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, тој рече дека ЕУ веќе понудила да купува повеќе течен природен гас од САД и да ги намали царините за увоз на одредени стоки и додаде дека Брисел ќе поздрави поголема јасност од Вашингтон кога станува збор за неговите очекувања.

„ЕУ стои на постојните партнерства и има намера да ги продлабочи, но ќе договориме и нови партнерства ширум светот со цел да ја зајакнеме нашата економска безбедност дома“, рече тој.

Додаде дека ЕУ е сигурен и предвидлив трговски партнер и ќе остане таков.

Блокот од 27 земји веќе има трговски договори со 76 земји, неодамна ги заврши преговорите за ново или зајакнато партнерство со Мексико, Швајцарија и четири јужноамерикански земји кои се членки на заедничкиот пазар на Меркосур, ги продолжува разговорите со Индија, Тајланд, Филипините и Индонезија, а исто така започна трговски преговори со Обединетите Арапски Емирати, рече Домбровскис.

„Целта на овие трговски договори е да се воспостават победнички партнерства кои се сигурни и засновани на правила“, додаде тој.

Европските претставници избегнаа остри пораки во нивните одговори на жестоките критики на американскиот претседател Доналд Трамп за американско-европските трговски односи и ја истакнаа потребата од сигурни и предвидливи врски.

На 10 април, Унијата ги замрзна првите контрамерки против тарифите на Трамп за 90 дена, но претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека сите опции сè уште се на маса во однос на контрамерките.