Научниците конечно ја решија мистеријата на зомби вулканот во Боливија

Точка

01/05/2025

09:49

1.247

Големина на фонт

а а а

Зомби вулканот во Боливија тивко „грми“ иако е неактивен стотици илјади години, а научниците веруваат дека конечно ја разјасниле оваа загатка.

Вулканот Утурунку, лоциран во Андите на југозападот од Боливија, последен пат еруптирал пред околу 250.000 години. Сепак, веќе со децении покажува необична активност под површината – испушта гасови, предизвикува мали потреси и го деформира околниот терен. Овие појави предизвикаа загриженост дека „заспаниот“ вулкан би можел повторно да еруптира, пишува "LiveScience".

Но, според ново истражување објавено во научното списание "PNAS", научниците тврдат дека оваа чудна активност е резултат на движење на течности и гасови под планината, а не на натрупување на магма.

Ова не само што објаснува зошто зомби вулканот останува активен, туку и овозможува подобра проценка на неговиот потенцијал за ерупција. Имено, овие сознанија може да помогнат при утврдување на ризикот од ерупции и кај други вулкани ширум светот.

Утурунку е голем, но формално неактивен вулкан, со височина од 6.008 метри. Прозван е „зомби вулкан“ бидејќи постојано манифестира активности без вистинска ерупција, велат истражувачите.

Се наоѓа над огромен и длабоко сместен подземен магматски резервоар наречен "Altiplano-Puna Magma Body" (APMB), кој се протега под јужна Боливија, северен Чиле и северна Аргентина. Магмата од овој резервоар може да се движи нагоре и да се акумулира блиску до површината.


Присуството на вакво магматско тело под вулканот би можело да значи дека Утурунку се подготвува за ерупција.

Но, во новото истражување, научниците анализирале податоци од повеќе од 1.700 земјотреси за да направат визуелизација на случувањата под вулканот. Дополнително, ги испитале карактеристиките на карпите во и околу вулканот за подобро да разберат како сеизмолошките сигнали се пренесуваат низ теренот.

Наместо натрупување магма, истражувачите откриле дека од "APMB" се движат топли течности и гасови кон површината преку тесен канал сличен на оџак. Ова резултира со заробување на гасови како пареа и CO₂ под врвот, додека солената вода се шири странично низ пукнатини околу вулканот.


Земјотресите и деформациите на теренот околу Утурунку може да се објаснат токму преку движењето на овие флуиди, а не преку брзо издигнување на магма, што значи дека вулканот, за сега, не е подготвен за ерупција како што се стравуваше.

Овие откритија би можеле да им помогнат на научниците и во проценката на други вулкани кои не се официјално активни, но покажуваат знаци на „живот“.

„Методологијата од ова истражување може да се примени на повеќе од 1.400 потенцијално активни вулкани, како и на десетици други кои, слично на Утурунку, формално не се активни, но испраќаат предупредувачки сигнали – други потенцијални зомби вулкани“, изјави Метју Причард, професор по геофизика на Универзитетот Корнел и коавтор на студијата.