„Бизнис конклавата“ вреди повеќе од Супербоулот: Како изборот на нов папа станува економски феномен

Точка

10/05/2025

16:38

720

Големина на фонт

а а а

Изборот на новиот папа, кој се одржа на 7 мај, не е само религиозен чин, туку глобален настан што ги обединува над милијарда луѓе пред телевизиските екрани – и претставува моќна економска и медиумска машина.

Конклавата – изборот на нов папа – одамна не е ограничен само на католичките верници. Тоа е глобален спектакл што ги вклучува верата, геополитиката, финансиите, и милиони дигитални интеракции. Поради очекуваната навалица посетители, цените на хотелското и "AirBnB" сместување пораснале за 100 до 300 проценти.

Таканаречената „бизнис конклава“ опфаќа телевизии, дигитални платформи, хотели, ресторани … Иако Ватикан не продава билети ниту права за емитување, вредноста на настанот го надминува дури и американскиот Супербоул, кој традиционално се смета за медиумски и комерцијален џин. Телевизиите за време на изборот на папата наплатуваат и десетици илјади евра за само една минута реклама.


Кога папата Франциско беше избран на 13 март 2013 година, преносот го следеле околу милијарда луѓе, од кои 29 милиони само во Италија. Тогаш, на Твитер се бележеле 132.000 твитови во минута и над 7 милиони објави поврзани со новиот папа во само еден ден, пишува францускиот „Монд“.

Невладиниот профил "@Pontefix" (неофицијалниот папски профил на Твитер) го посетиле 10 милиони луѓе во наредните шест месеци. Осум од десет најголеми трендови на Твитер тогаш биле поврзани со конклавата, пишува "РТС".

Конклавата е еден од најследените глобални настани – рамо до рамо со кралските свадби и погреби, или со Олимписките игри.


Церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година ја гледале 900 милиони луѓе. Погребот на кралицата Елизабета Втора во 2022 година го следеле над 4 милијарди луѓе – ако се вклучат и видеата на социјалните мрежи.

Настанот го следат светски радиостаници, онлајн медиуми, социјални мрежи и традиционалните весници. Се предвидува дека изборот на нов папа годинава ќе го следат околу 1,4 милијарди луѓе.

Во текот на конклавата се изнајмуваат тераси со поглед кон Плоштадот Свети Петар, а цените за станови достигнуваат вртоглави суми.

Уште во 2013 година, според агенциите за недвижности, просториите околу плоштадот достигнувале цени од 2.000 до 3.000 евра на ден. Цените на сместувањето околу Ватикан тројно се зголемиле – и оваа година не е ништо поразлично.

Изнајмување балкон од кој може да се види белиот чад чинело најмалку 1.000 евра за еден ден, а сите биле резервирани од страна на странски телевизии.


Изборот на папаи туризмот

Изборот на нов папа има и огромно влијание врз туризмот. Кога беше избран Франциско, меѓу март и декември 2013 година, 6,6 милиони луѓе учествувале во настани поврзани со него во Ватикан – што е зголемување од 180 проценти во однос на 2012 година. Општина Рим регистрирала дополнителен раст од 7% туристи и 66% повеќе посетители од Аргентина. Хотелите и рестораните оствариле приходи од повеќе милиони евра, наведува РТС.

Иако нема спонзори или билети, конклавата носи приходи споредливи со најголемите спортски манифестации. Но „Habemus Papam!“ (Имаме папа!) има поголемо влијание – бидејќи спојува вера, политика и општество. Станува збор за бесплатен настан со вредност од милиони евра индиректна добивка и енормна медиумска покриеност.


Двајца обложувачи заработиле над 50.000 долари на изборот на папа

Мал број луѓе оствариле големи добивки по изборот на новиот папа – Роберт Франсис Превост – кој се сметал за аутсајдер на сè популарните платформи за прогнози, каде корисниците се обложуваат на вести.

На блокчејн платформата "Polymarket", шест корисници заработиле најмалку 20.000 долари обложувајќи се на Превост, според јавно достапните податоци.

Најголемата добивка ја направил корисникот „JustPunched“, кој со инвестиција од 1.059 долари остварил профит од 63.650 долари – поврат од над 6.000%.

На конкурентската платформа "Kalshi", еден корисник со вложување од само 526 долари освоил 52.641 долар.

Превост бил мал фаворит на двете платформи пред официјалната најава, со шанси од само 1,6% на "Kalshi" и 1,8% на "Polymarket". Тоа значи дека облог од 170 долари би донел околу 10.000 долари.

Вкупната вредност на исплатите поврзани со изборот на папата на двете платформи достигнала 40,4 милиони долари.


Обратен тренд

Италијанскиот кардинал Пјетро Паролин бил фаворит на двете платформи до крајот на конклавата. Најмалку девет корисници на "Polymarket" загубиле по над 10.000 долари обложувајќи се на неговата победа.

Роден во Чикаго, со диплома од Универзитетот Виланова, 69-годишниот Превост е првиот американски папа. Платформи како "Kalshi" и "Polymarket" добија популарност за време на претседателските избори во 2024 година, особено поради нивното посилно потпирање на победата на Трамп отколку анкетните модели. Меѓу инвеститорите на "Kalshi" се милијардерите Хенри Кравис и Чарлс Шваб, додека Доналд Трамп Младиот е стратешки советник на компанијата.