Русија потврди дека ќе оди на преговори со Украина

Макфакс

13/05/2025

20:48

460

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската делегација ќе биде во Истанбул на 15 мај, додавајќи дека очекуваат и украинската страна да се појави на преговорите.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, пак, се обрати вечерва во видео на платформата X. „Во тек се итни интервенции по нападот со руски беспилотни летала врз Харков. Уште еден напад врз енергетски објект – исклучиво цивилен. Русија останува она што е“, рече Зеленски.

„Додека сите чекаат одговор од Русија на предлогот за примирје и директни преговори, тие одговараат со нови удари и напади. Затоа е неопходен притисок“, рече тој.

Зеленски потврди дека украинскиот тим активно се подготвува за преговори во Турција и дека ставот на Украина денес им бил презентиран на сите партнери.

„Путин е оној кој одлучува за сè во Русија, па затоа тој е оној кој мора да ја запре оваа војна. Ова е негова војна. Затоа, преговорите мора да бидат со него“, рече Зеленски.

Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, изјави дека не верува оти средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи оваа недела во Турција.