Во периодот од 2020 до 2023 година на државните патишта се случиле 31.176 сообраќајни несреќи во кои загинале 457 лица, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.
Оценето е дека мерките и активностите кои ги преземаат надлежните иако придонесуваат за подобрување на безбедноста, сепак, не се ефикасни за намалување на бројот на жртвите до посакуваната состојба на национално и на европско ниво.
Исто така, во извештајот се наведува дека иако Собранието има обврска, на предлог на Владата, да донесе стратегија за развој и одржување на патиштата, од пропишувањето на оваа законска обврска во 2008 година, досега не е донесена.
Податоците од софтверската апликација на МВР за спроведени контроли од страна на полициските службеници упатуваат дека во периодот 2019-2023 година во просек контролирани се околу 730.000 возачи годишно што претставува значителен број на контроли.
Притоа, најчест сообраќаен прекршок е брзо возење и поминување на затворен сигнал, додека најмногу возачи се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, како и поради возење под дејство на алкохол.
Извештајот покажува дека за период 2020-2023 година, сообраќајните незгоди кои предизвикале последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што, според ревизротие, укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди.