Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати учествуваше на Светскиот полициски форум – глобална платформа за безбедносна соработка, технолошки иновации и иднината на полициското работење, која обединува полициски лидери и експерти од над 100 држави.
Тошковски во своето обраќање на самитот даде осврт на улогата на Македонија како стратешки позиционирана држава на Балканот, мала по димензии, но голема по значење кога станува збор за регионалната стабилност и европската безбедност.
Тошковски зборуваше за нашите искуства со управувањето со мигрантската криза, справувањето со трговијата со дрога и организираниот криминал, како и за нашата оперативна соработка со НАТО, ЕУ и другите меѓународни партнери.
„Македонија, и покрај ограничените ресурси, покажа способност да даде реален и мерлив придонес во справување со транснационални безбедносни закани“, потенцираше Тошковски.
На маргините на самитот оствари значајна билатерална средба со шефот на Полицијата на Дубаи, Абдула Калифа Ал Мари, на која се заблагодари за можноста нашата држава да биде дел од ваков стратешки форум.
„Договоривме интензивирање на соработката на техничко ниво помеѓу двете институции, со акцент на размена на знаење и искуства, особено во делот на дигиталната трансформација и имплементацијата на алатки базирани на вештачка интелигенција во полициското работење.“, нагласи министерот Тошковски.
Учеството на Светскиот полициски самит не е само симболично, тоа е реална можност за вмрежување со колеги од цел свет, за споделување добри практики и креирање партнерства кои водат до поефикасни, побрзи и покоординирани одговори на современите безбедносни предизвици.