Нова батериска технологија пристигнува во 2026 година со моделот "ID. 2", а потоа ќе се прошири на целата "EV" понуда на "Volkswagen".
"Volkswagen" се обидува да ги приспособи своите амбиции во светот на електричните возила. Иако моделите "ID. 3" и "ID. 4" беа дочекани со воздржан интерес, а софтверскиот сектор на компанијата се соочува со тешкотии, германскиот гигант сепак сериозно се обидува да го коригира курсот.
Во партнерство со "Xpeng" и "Rivian", "Volkswagen" работи на подобрување на софтверот, додека истовремено ја освежува понудата. Неговиот најочекуван модел – достапниот "ID. 2" – пристигнува наскоро и со себе носи значајни промени кои ќе се прошират низ целата "EV" линија, пренесува "InsideEVs".
Според најновите информации објавени од "Autocar", "ID. 2" ќе го означи почетокот на транзицијата кон нова, поевтина механичка платформа наречена "MEB Plus", која претставува еволуција на постојната "MEB" основа.
Најголемата разлика меѓу "MEB" и "MEB Plus" платформата е користењето на "LFP" (литиум-железо-фосфат) батериски ќелии.
Иако овие батерии имаат пониска енергетска густина во споредба со доминантните "NMC" (никел-манган-кобалт) ќелии што ги користат западните производители, тие се значително поевтини – и токму затоа се многу популарни во Кина.
"ID. 2" ќе користи "LFP" ќелии, а "Volkswagen" тврди дека истата технологија ќе се прошири и на другите модели од "MEB" платформата – вклучувајќи ги "ID. 3", "ID. 4" и "ID. 7" – што значи дека овие модели би можеле значително да поевтинат.
Покрај новите батерии, преминот на "LFP" ќе биде проследен и со целосен редизајн на електричните модели.
"LFP" батериите стануваат сè поважни во светот на "EV". Во Кина веќе ги користи "Zeekr" во својот систем „Golden Battery“, додека во САД, брендови како "Ford", "GM" и "Tesla" веќе почнаа да ја применуваат оваа технологија за намалување на трошоците.
И токму "LFP" е една од причините поради која "Chevy Bolt EV" ќе се врати на пазарот по слична цена како претходно.
Сè уште не е јасно како платформата MEB Plus ќе влијае на плановите на Volkswagen во САД.
Како што пишува Autocar, новата фабрика во Залцгитер, Германија, ќе произведува LFP батерии за новите модели, додека NMC ќелиите ќе се користат во постарите модели што се ближат до крајот на производството.
Сепак, останува прашањето дали Volkswagen ќе може да продава EV модели со странски батерии во САД без компликации. Можно е да биде принуден да пронајде локални добавувачи на овие батерии.
За сега, многу нешта се неизвесни. Она што е сигурно е дека Volkswagen ID. 2 и редизајнот на целата EV понуда треба да започнат во 2026 година. До тогаш се очекуваат повеќе детали.