Орбан: Украина води клеветничка кампања против Унгарија, НАТО да интервенира

Макфакс

18/05/2025

18:24

656

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Украина за водење на дезинформативна и клеветничка кампања против неговата земја, организирана од украинските специјални служби, и побара од новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, веднаш да реагира.

„Му кажав на генералниот секретар на НАТО дека сметам за неприфатливо една земја која не е членка на Алијансата, а тоа е Украина, да спроведува организирана клеветничка кампања против Унгарија, земја-членка на НАТО“, изјави Орбан за унгарската телевизија ТВ2, по средбата со Руте на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Тирана.


Според Орбан, наместо да работи на подобрување на односите со земјите-членки на Европската Унија, Украина „се оцрнува себеси“ и со тоа ја загрозува сопствената европска перспектива.


„Киев сака да стане членка на ЕУ, но не се обидува да воспостави добри односи со сегашните членки. Со вакви постапки си го урива кредибилитетот“, рече Орбан и додаде дека мора да се направи сѐ што е потребно за да се прекине, како што ја нарече, „клеветничката кампања“ на Украина.

Изјавата на Орбан доаѓа откако украинската служба за безбедност (СБУ) минатата недела објави дека открила шпионска мрежа која наводно била организирана од унгарските воени разузнавачки служби. Според СБУ, двајца осомничени агенти биле приведени, а тие собирале информации за украинската одбрана.

Одговорот на Будимпешта беше остар. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги отфрли украинските наводи, нарекувајќи ги „пропаганда“.

„Би ги замолил сите да бидат внимателни во врска со ваквите извештаи. Тоа е дел од украинската пропагандна машинерија“, изјави Сијарто на прес-конференција.