Дебора Ли Фурнес официјално ги поднела документите за развод од својот поранешен сопруг Хју Џекмен, речиси две години откако во јавноста открија дека ќе се разведат.
Фурнес барањето го поднела во Њујорк на 23 мај, а наводно околу разводот веќе однапред биле договорени работите зад затворени врати. Сѐ што останува е судијата да ги потпише документите за разводот да биде официјален, пренесува „Daily Mail“.
Во документите кои адвокатката на Дебора, Елена Карабатос ги поднела до судот, се наведуваат сите договори за продолжување на здравствено осигурување, алиментација за децата и поделба на имотот.
Фурнес и Џекмен кои имаат две посвоени деца, според извори блиски до парот, постигнале договор со кој на Дебора ѝ е обезбедена „позначајна алиментација“.
„Постигната е спогодба со која Дебора е задоволна,а која вклучува убава алиментација. Имаше некои кавги околу финансиската спогодба, но на крај го доби она за кое веруваше дека го заслужува. И двајцата од ова излегуваат финансиски сигурни. Нема да има никакви драми“, изјавил изворот.
Друг извор додал дека немало несогласувања меѓу поранешните сопружници.
„Однапред ги знаеја деталите и сѐ решија во поглед на спогодбата, алиментацијата и трошоците за нивните деца. Тие се во пријателски односи и двајцата целосно се посветени на тоа да бидат најдобри родители“.
Бракот траел 27 години
Да ве потсетиме, Џекмен и Дебора биле во брак 27 години. Во септември 2023 година со заедничка изјава ставија крај на нивната заедница.
„Бевме благословени што поминавме речиси три децении заедно како маж и жена, во прекрасен брак полн со љубов. Нашите патишта сега се раздвојуваат и одлучивме да се разделиме за да продолжиме со личниот развој. Нашето семејство секогаш беше и ќе биде најголемиот приоритет. Во следното поглавје влегуваме со благодарност, љубов и добрина. Ве молам за почит на нашата приватност додека како семeјство поминуваме низ оваа транзиција во нашите животи“, изјавиле тогаш за „People“.