Од Крива Паланка започнува враќањето на довербата. Тука почнува обединувањето што ќе ја врати правдата, развојот и чесната политика, кажа градоначалникот на Крива Паланка и претседател на општинската организација на СДСМ, Сашко Митовски на отворањето на караванот „Мугри на слободата“.
Митовски истакна дека СДСМ отсекогаш бил носител на одговорност и државотворност, партија што не се плашела да ги носи и најтешките одлуки кога тоа било потребно за државата.
Денес, вели тој, наспроти неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ која за само една година ја закочи државата, СДСМ е потребен повеќе од кога било.
„Крива Паланка е пример како се води град, како се слушаат граѓаните и како се создава модерна, развиена и европска општина“, рече Митовски.
Најави и реализација на капитални проекти: реконструкција на главната улица, нова монтажна катна гаража со 166 паркинг места, зонско паркирање, продолжување на патот до Калин Камен и нови хотелски инвестиции.
Посебен акцент Митовски стави на инфраструктурните проекти од регионално значење.
„Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, вреден 93,7 милиони евра, е најголемата инвестиција во овој регион, заедно со рехабилитираните патишта до Деве Баир, Црцорија, Узем и Луке, со вкупна вредност од над 120 милиони евра. Ова не се проекти за поединци. Ова се инвестиции за граѓаните. Ова е нашето заедничко дело. А сега следува одлука“, рече Митовски.
Посочи дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила Крива Паланка, а напорите за развој продолжуваат исклучиво благодарение на општинската визија и поддршката од претходната влада. Затоа, повика на мобилизација, без поделби и суети.