Повеќе од 150 луѓе загинаа во поплавите во Моква, централна Нигерија, а илјадници се раселени, додека спасувачите проценуваат дека бројот на жртви ќе се зголеми.
Портпаролот на Агенцијата за управување со вонредни состојби во нигериската држава Нигер, каде што се наоѓа селото Моква, денес за АФП изјави дека повеќе од 3.000 луѓе биле раселени, 265 куќи биле целосно уништени, а два моста биле однесени во поплавите.
Најмалку 78 повредени лица се во болници, изјави шефот на Црвениот крст во државата, Гидеон Адаму, а според весникот „Дејли Траст“, повеќе од 50 деца од верско училиште се водат како исчезнати.
Силните дождови однесоа или поплавија десетици куќи во и околу Моква, во близина на реката Нигер, на 350 километри од главниот град на Нигерија, Абуџа, во среда навечер.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу изјави дека безбедносните сили се распоредени за да им помогнат на спасувачите и дека се испраќа спасувачка опрема и помош за привремено сместување.
Локалните медиуми јавуваат дека повеќе од 5.000 луѓе се бездомници, додека Црвениот крст објави дека два важни моста во градот се уништени.
Дождовната сезона во Нигерија, која обично трае шест месеци, штотуку започна. Поплавите, претежно од обилни дождови и лошата инфраструктура, предизвикуваат големи штети секоја година и одземаат стотици животи низ целата западноафриканска земја.
Научниците веруваат дека климатските промени поттикнуваат сè повеќе екстремни временски настани.
Во Нигерија, поплавите дополнително се влошуваат поради несоодветна дренажа, изградба на згради покрај реките и фрлање отпад во канализација и водни патишта.
Во 2024 година, повеќе од 1.200 луѓе загинаа, а 1,2 милиони беа раселени во 31 од 36-те држави на Нигерија.