50 проценти од царините ќе бидат усогласени со Европскиот царински тарифник почнувајќи од 1 јули годинава, а останатите 50 проценти од 1 јануари следната година, информираше премиерот Мицкоски, прашан што предвидуваат новите измени на Законот за царини.
Според него, тоа ќе даде можност производителите да го зголемат своето прозиводство, да имаме поголем извоз и поголем приход за компаниите.
„Уште едно тешко наследство од минатото, тие се дел од тие парафискални давачки што го отежнуваа работењето и на странски и на домашни производители, бидејќи царината на суровините беше неусогласена со Европскиот царински тарифник и ние тоа го правиме преку ова законско решение“, изјави премиерот.
Тој напомена дека со овие измени, исто така, се усогласува и царинскиот тарифник за т.н. акумулатори на електрична енергија или резервоари за складирање електрична енергија што се прозведува, од сегашните 15 проценти на 2,5 или 2,7 проценти, со што, како што рече, драматично ќе се олесни инсталирањето на вакви уреди.