Џони Вајсмилер беше пливач и актер, најпознат по освоените олимписки медали и по улогата на Тарзан во холивудските филмови.
Роден е на 2 јуни 1904 година во Банат, тогашна Австро-Унгарија, а кога имал само седум месеци, со родителите се преселил во САД.
Како спортист, Вајсмилер стекнал статус на еден од најуспешните пливачи во првата половина на 20 век. На Летните олимписки игри во Париз во 1924 година освоил три златни медали: на 100 метри слободно, 400 метри слободно и во штафетата 4×200 метри слободно, пренесува „Index.hr“.
На истите Игри учествувал и како член на ватерполо репрезентацијата на САД, која освоила бронзен медал. Четири години подоцна, на Олимписките игри во Амстердам во 1928 година, повторно победил на 100 метри слободно и во штафетата 4×200 метри.
Во текот на неговата пливачка кариера, останал непоразен во главната дисциплина, а вкупно поставил повеќе од педесет светски рекорди.
По завршувањето на спортската кариера, Вајсмилер се посветил на филмот. Најпознат е по улогата на Тарзан, која првпат ја одиграл во 1932 година во филмот „Тарзан, човекот-мајмун“.
Во текот на следните години, ја толкувал улогата на Тарзан во вкупно дванаесет филмови, што го прави најпрепознатлив и најдолговечен актер во оваа улога во историјата на кинематографијата.
Подоцна го играл и ликот на Џангл Џим во шеснаесет филмови снимени помеѓу 1948 и 1955 година.
Неговиот специфичен крик како Тарзан стана иконски и остана препознатлив и години по завршувањето на неговата филмска кариера.
Џони Вајсмилер останува запаметен како врвен спортист и една од првите големи спортски ѕвезди кои успешно преминаа во светот на филмот.