Претставниците на Русија повторно одбија безусловно примирје, изјави Сергеј Кислица, првиот заменик-министер за надворешни работи на Украина и член на украинската делегација, по втората рунда преговори меѓу руската и украинската страна во Истанбул.
На брифингот по преговорите, тој рече дека „претседателот на САД Доналд Трамп предложи безусловно примирје“, додавајќи дека за тоа е разговарано со американската делегација, објави агенцијата „Униан“.
„Нашата делегација го повтори сето ова, но руската страна не ги прифати предлозите“, рече Кислица.
Тој додаде дека Русите се против вклучувањето на Соединетите Американски Држави во преговорите и изјави дека Украина не е задоволна од оваа позиција.
„САД играат многу важна улога и се значаен гарант на довербата. За да се обезбеди долгорочна безбедносна архитектура во Европа, Америка мора да биде вклучена бидејќи во спротивно не можеме да зборуваме за долгорочна одржливост“, рече украинскиот функционер.
Шефот на украинската делегација, министерот за одбрана Рустем Умеров, изјави дека денес двете страни се договориле за нова размена на затвореници, како и за враќање на 6.000 тела на загинати војници во замена за 6.000 загинати од другата страна.
Како што објави украинската агенција, шефот на руската делегација, Владимир Медински, изјавил дека Русија ѝ понудила на Украина прекин на огнот два или три дена, наводно со цел да ги собере телата на загинатите.
Вториот круг преговори меѓу делегациите на Русија и Украина се одржа денес во истанбулскиот дворец Чираган, пренесува Танјуг.