Вистината за трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 деца а над 200 беа повредени излегува на виделина. Власта свесно и организирано ги штити вистинските виновници. Обвинителството ја затвори истрагата без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта, обвини СДСМ.
Од партијата велат дека нема одговор зошто не се опфатени клучни луѓе кои биле на високи позиции од актуелната власт.
„Зошто не е опфатена началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, која била на позиција кога се случил пожарот, и која не презела никакви мерки и покрај службените белешки дека дискотеката работи незаконски? Зошто Цветковска Маневска не одговара за затворената врата во дискотеката Пулс, постапка која скратила драгоцени секунди за спас на многу животи? Зошто Драган Казак Петрушев, сменоводител во МВР, за кого има индиции дека лично учествувал во затворање на вратите на дискотеката спротивно на процедурите исто така не е опфатен? Не се го гони Петрушев, иако според сведочењата имал контакт со сопственикот на дискотеката и спроведувал контрола надвор од стандардната процедура? Дали Петрушев е заштитен затоа што е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани? За Дејан Салтировски, началник на СВР Штип и покрај информациите за неговата улога кобната вечер, и покрај сомнежите за фалсификати во документацијата за акциската контрола, нема никакво обвинение? Дали Салтировски е заштитен поради кумовската врска со Орце Тодоровски – Ефто, близок човек на Мицкоски?“, прашуваат од СДСМ.