Бруно Фернандеш и оваа сезона беше најдобар играч на Манчестер Јунајтед, меѓутоа тој не доби соодветна поддршка од соиграчите и клубот имаше година за заборав, кампања во која екипата имаше катастрофален пласман во Премиер лигата, не беше освоен ниту еден трофеј, а не беше обезбеден билет за ниту едно од трите натпреварувања на УЕФА.
Ова значи дека Јунајтед ќе биде без Европа во натпреварувачката 2025/2026 што секако е проблем за клубот од финансиски апсект, ама и за дел од играчите како што е Бруно кој е амбициозен, сака да игра на највисоко ниво и притоа со екипата да биде конкурентен.
Токму во овој период пристигна луда понуда од Саудиска Арабија, понуда вредна над 200 милиони фунти за три години и темпераментниот офанзивец мораше да размисли и да пресече што ќе направи. Португалецот веќе ја решил дилемата и според Фабрицио Романо одлучил да каже „НЕ“ на милионите од блискиот Исток.
Бруно сака да продолжи да игра на највисоко ниво во Европа што значи дека Ал Хилал ќе мора да го насочи вниманието кон некој друг играч. Инаку капитенот на Јунајтед има договор со клубот до 30 јуни 2027 година и останува да видиме дали ова значи дека сигурно останува на „Олд Трафорд“ или би можел да си замине ако добие понуда од некој друг топ тим на стариот континент.