[ВИДЕО] Украина објави невидена снимка од операцијата „Пајажина“ – руски авион во пламен, штета од 7 милијарди долари

Макфакс

07/06/2025

20:16

1.476

Големина на фонт

а а а

Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави нови снимки од операцијата „Пајажина“, на кои се гледа целата траекторија на дрон, од лансирање од камион до погодување на руски стратешки бомбардер Ту-22М3 на аеродромот Белаја во регионот Иркутск.

Видеото го прикажува дронот како патува на значително растојание, непречено влегувајќи во територијата на аеродромот, каде што веќе се крева чад од вториот авион што беше погоден.

Минатата недела, украинското разузнавање нападна четири руски воени аеродроми: Елен во регионот Мурманск, Иваново во Ивановската област, Џагилев во регионот Рјазан и Белаја во регионот Иркутск.

Операцијата ја водеше лично шефот на СБУ, Васил Малјук, по наредба на претседателот на Украина и врховен командант Володимир Зеленски.

Според украинските проценки, вредноста на опремата погодена во специјалната операција надминува 7 милијарди долари.

Украинците тврдат дека непријателот изгубил вкупно 41 авион, вклучувајќи ги А-50, Ту-95, Ту-22, Ту-160, како и транспортни авиони Ан-12 и Ил-78.