Граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи, наместо да одат на шалтер

Макфакс

13/06/2025

12:10

464

Големина на фонт

а а а

Со гордост сакам да ви соопштам дека вчера, на Комисијата за транспорт и дигитална трансформација, 4 клучни закони кои се однесуваат на дигитализација на државните служби и услугите кон граѓаните, го поминаа првиот собраниски филтер, изјави Тони Јаревски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за Законот за електронски комуникации, Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, Законот за архивски материјал, како и Законот за електронски документи и електронска идентификација.

„Со ова, Собранието даде зелено светло за владата да ја направи најтемелната трансформација на односите, односно начинот на кој комуницираат граѓаните и државните органи. Со овие реформи, граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи кои ќе имаат правна важност еднаква како оние издадени на шалтер, документи кои ќе содржат QR-код како безбедносен елемент и доказ за автентичност“, рече Јаревски.

Тој додаде дека се воспоставува и целосен инспекциски надзор над дигиталните услуги, со јасно утврдени 22 задолженија на инспекторите кои ќе дејствуваат под капата на новото Министерство за дигитализација односно за дигитална трансформација.

„Предвидените глоби за институциите што нема да ги прифатат дигиталните документи се јасен сигнал дека дигиталната реформа не е опција, туку обврска“, рече Јаревски.

Тој додаде дека ќе следи јавна расправа за овие закони со цел во овој, како што рече, сериозен државен зафат да се вклучи експертската и стручната јавност.