Иранскиот претседател: Израел ќе зажали, ќе одговориме силно

Макфакс

13/06/2025

17:40

580

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, вети дека Иран ќе одговори легитимно и силно на израелските воздушни напади што утрото го погодија Техеран и неколку други градови.

Во пораката објавена на официјалната веб-страница на неговата канцеларија, Пезешкијан рече дека иранскиот народ и официјалните лица нема да молчат пред злосторството за кое рече дека го извршил Израел.

„Одговорот на Иран ќе го натера Израел да зажали за оваа глупава одлука“, рече Пезешкијан, повикувајќи ја нацијата „на единство, доверба, солидарност и консензус повеќе од кога било“.

Тој додаде дека е убеден дека иранскиот одговор ќе биде „поостар, помудар и посилен“.

Пезешкијан ги нарече нападите „брутална агресија врз Техеран и другите ирански градови“, истакнувајќи дека меѓу загинатите има „деца, жени, невини цивили, воени команданти и нуклеарни научници“. Тој го обвини Израел дека со своите постапки ги прекршува меѓународните обврски и ја потврдува „криминалната природа на нелегалниот ционистички режим“.

Тој рече и дека неговата влада ќе се погрижи секојдневниот живот на граѓаните да продолжи без прекин во услугите.

Израелските воздухопловни сили рано утрото нападнаа цели во Техеран и неколку други ирански градови. Државната новинска агенција ИРНА објави дека началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили Мохамад Багери, командантот на Корпусот на гардата на Исламската револуција Хосеин Салами, командантот на Генералштабот на Катам ал-Анбија Голам-Али Рашид и командантот на воздухопловната единица на ИРГЦ Амир Али Хаџизаде се убиени во нападот во Техеран.

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи по нападот рече дека Израел „мора да чека строга казна за неговото злосторство против Иран“.