[ВИДЕО] „Сѐ се стемни, мислев ќе умрам“, сведочи единствениот преживеан од падот на индискиот авион

Макфакс

14/06/2025

15:19

1.171

Големина на фонт

а а а

Британскиот државјанин Вишвас Кумар Рамеш чудесно ја преживеа страшната несреќа на патнички авион на „Ер Индија“ кој се урна во близина на Ахмедабад, Индија. Тој е единствениот преживеан од 241 патник и моментално се наоѓа на лекување во болница, во состојба на шок и неверување.

„Сè се случи пред моите очи. Не можам да поверувам дека сум жив. Само јас преживеав – сите други беа мртви“, изјави Рамеш за индиските медиуми.

Во сведочењето, Рамеш раскажува дека вратата за итни случаи била скршена, а неговото седиште – уништено. Забележал мал отвор и решил да се обиде да излезе, и покрај хаосот што владеел во авионот.

„Видов дека имам малку простор и се обидов да излезам. Се сеќавам на звукот од пукање метал, луѓе што трчаат… и потоа сè се стемни. За момент почувствував дека ќе умрам. Но, кога ги отворив очите, сè уште бев жив. Го откопчав ременот и излегов низ отворот. Пред мене – стјуардеси, тетки и чичковци… сите лежеа мртви“, раскажува Рамеш.

Тој се потсетува и на еден чуден момент пред самиот пад – само неколку минути по полетувањето, како што вели, авионот одеднаш запрел.

„За една минута, се чувствуваше како авионот штотуку да застана. Зелените и белите светла трепкаа“, рече Рамеш.

Причината за авионската несреќа сè уште не е официјално потврдена, но индиските власти започнаа истрага за трагедијата која однесе над 240 животи.