Министерот за европски прашања и национален координатор за ИПА (NIPAC), Орхан Муртезани, утрово оствари средба со претставниците на Европскиот суд на ревизори, Бертран Танги и Ерик Котларик, во рамки на нивната ревизорска мисија за успешноста на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Во фокусот на дискусиите беше координацијата во транспортниот сектор во рамки на WBIF, како и поширокиот институционален и оперативен контекст за имплементација на проектите поддржани преку овој инструмент. Министерот Муртезани го истакна значењето на WBIF како стратешки механизам кој овозможува инвестирање во клучни сектори како што се транспортот, енергијата, животната средина, здравството и образованието, но и како алатка што ќе овозможи користење на средствата што ЕУ ќе ги додели по спроведувањето на реформите во рамки на Реформска агенда 2024-2027 и Инструментот за раст и реформи, известува Министерството за европски прашања.
Во разговорите беше потенцирана потребата од натамошно поедноставување на процедурите, зголемување на транспарентноста и јасноста во однос на улогите на меѓународните финансиски институции, како и зајакнување на капацитетите на НИПАК канцеларијата, особено во делот на мониторингот и координацијата. Исто така, беше посочено дека за успешно искористување на достапните средства до крајот на 2027 година, од суштинско значење ќе биде навремената подготвеност на проектите и нивното усогласување со реформските приоритети.
Министерот Муртезани ја потврди заложбата на Владата за ефективно управување со инвестициите поддржани од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, кој е заедничка иницијатива на Европската комисија, билатерални донатори и меѓународни финансиски институции. Тој потенцираше дека Северна Македонија останува конструктивен партнер во процесите на регионална соработка и европска интеграција, со посветеност кон создавање предвидлива и стратешка рамка за користење на фондовите од ЕУ.
Средбата со министерот за европски прашања и национален координатор за ИПА (NIPAC), Орхан Муртезани, е прва во низата состаноци што ревизорскиот тим ќе ги реализира неделава, со надлежните институции во текот на својата мисија во земјата, се додава во соопштението.