Русија: Подготвени сме да посредуваме меѓу Израел и Иран

Макфакс

16/06/2025

13:06

226

Големина на фонт

а а а

Русија сè уште е подготвена да дејствува како посредник во конфликтот меѓу Израел и Иран, а претходните предлози на Москва за складирање ирански ураниум во Русија остануваат на маса, објави денес Кремљ.

„Претходните предлози на Русија за решение на конфликтот се сè уште на маса, но меѓусебните напади меѓу двете земји ја комплицираа ситуацијата“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Пред повеќе од три години Русија почна целосна инвазија на Украина и ги отфрла сите предлози за прекин на огнот, и украински и американски.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера во интервју за „Еј-би-си њуз“ изјави дека е отворен за можноста рускиот претседател Владимир Путин да ја преземе улогата на посредник меѓу Израел и Иран.

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно ја отфрли таквата идеја.

„Не верувам дека Русија, која моментно е вклучена во конфликт со висок интензитет и со години ја игнорира Повелбата на ОН, може да биде посредник“, рече Макрон.

Кина исто така упати повик за дипломатија. Таа ги повика Израел и Иран да преземат итни мерки за смирување на тензиите по израелските напади на иранска територија и одговорот на Техеран со лансирањето ракети во израелски области.

„Ги повикуваме сите страни да преземат итни мерки за смирување на тензиите што е можно побргу, да спречат понатамошна нестабилност во регионот и да создадат услови за враќање на дијалогот и преговорите за решавање на разликите“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун.