Пропалестински активисти упаднаа во британска база, велат дека оштетиле два авиона

Макфакс

20/06/2025

12:26

167

Големина на фонт

а а а

Пропалестински активисти упаднаа во воздухопловната база РАФ Бриз Нортон и испрскаа два воени авиони со црвена боја. Снимките објавени на веб-страницата на „Палестинска акција“ покажуваат две лица во воздухопловната база во Оксфордшир.

Едно од лицата вози скутер до танкер за полнење гориво во воздух „Ербас Војаџер“ и се чини дека прска боја во неговиот млазен мотор. „Палестинска акција“ соопшти дека авионите за полнење гориво биле „исклучени од употреба“, додека активистите успеале да го „избегнат обезбедувањето и апсење“.

Британското Министерство за одбрана остро го осуди „вандализмот врз имотот на Кралските воздухопловни сили“ и изјави дека тесно соработува со полицијата што го истражува инцидентот.

„Палестинската акција“ е вклучена во слични активности уште од почетокот на војната во Газа, а нејзините акции првенствено се насочени кон компаниите за оружје. Во мај, групата ја презеде одговорноста за боењето со спреј на американски воен авион во Ирска.