СДСМ: Со фирма без вработени РЕК Битола потпишала спогодба за чистење, управителот – молер со кривична историја во Германија

Макфакс

21/06/2025

15:11

517

Големина на фонт

а а а

Обвинувања за раководството во РЕК Битола упати Методија Илиевски од СДСМ во изјава за медиумите и го повика Обвинителството да отвори постапка.

Тој рече дека она што се случува во РЕК Битола не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење на тендери за неспособни партиски фирми.

„Суштината на скандалот е следна, новото раководство на РЕК Битола, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и лично блиско до премиерот Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен. Компанија без техничка опрема, без кадар и без искуство. И како шлаг на тортата – управителот, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија. И како што секогаш бива, се случува хаварија во РЕК Битола, пожар. Блоковите испаѓаат од мрежата а ЕСМ веднаш излегува со термин – „саботажа“, изјави Илиевски.

Вели дека вистинската саботажа е од страна на директорите кои наместо да ангажираат сериозна фирма која може да ги испорача услугите за кои склучила договор од 2,5 милиони евра, тие ги тераат работниците сами да чистат. Чистат без соодветна опрема, без опис на работно место, без дополнителен надомест.

СДСМ тврди дека РЕК распишал оглас со брутално прецизни и тешки услови за понудивачите. Побарале минимум 330 ангажирани работници, тешка механизација, логистика за 24/7 за интервенции. Сето тоа на хартија. Во реалноста – добиле компанија која не може да ги исполни ни 1 отсто од тие услови, односно наместо да ги има вработените и опремата, фирмата склучува договор дека ако го добие тендерот, ќе ги обезбеди.

СДСМ го праша премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе одговара? Дополнително партијата прашува кој ја потпишал оваа рамковна спогодба, кој дозволил оваа фирма воопшто да влезе во процедура, зошто јавноста е лажена и зошто документите се кријат, дали ЕСМ ќе ја активира банкарската гаранција за неспроведените обврски.

Партијата ги повика Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија – веднаш да отворат постапка.