[ФОТО] Движењето со инвалидски колички во Скопје е можно само ако можат да летаат – активистите со провокативна акција

Макфакс

21/06/2025

16:17

614

Големина на фонт

а а а

Група млади активисти и уметници под менторство на програмата за креативен активизам на Центарот за современи уметности реализираа впечатлива и провокативна уметничка интервенција под наслов „Ограничена Мобилност, со цел да ја подигнат јавната свест за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, постарите граѓани со намалена подвижност, како и младите родители што секојдневно се движат низ градот со детски колички.

Во рамките на оваа креативна акција, стари и нефункционални инвалидски колички беа трансформирани во имагинарни „летечки колички“. Опремени со крилја и пропелери, овие симболични објекти пренесуваат моќна порака: во денешно Скопје, за многумина движењето низ јавниот простор е возможно — само доколку можат да летаат.


И покрај долготрајните јавни дискусии, голем дел од скопските улици, тротоари, институции, трговски центри и јавен превоз сè уште се физички недостапни за лицата кои користат помагала за движење. Симболичната интервенција се одвиваше на повеќе локации низ Скопје, во соработка со локални жители и претставници на лица со ограничена подвижност.

„Со оваа акција, како уметници и активисти сакаме да испратиме јасна порака за систематското институционално и инфраструктурно занемарување на лицата со ограничена мобилност, кое исклучува илјадници граѓани од полноправно учество во општествениот, социјалниот, културниот и економскиот живот. Сметаме дека пристапноста не е привилегија — таа е основно човеково право“, порачаа активистите.


Во понеделник ќе биде организирана уште една слична акција а во вторник 24 јуни од 20 часот во Мобилната монтажна галерија ќе биде отворена изложба со наслов Ограничена Мобилност.

Иницијативата се реализира како дел од регионалниот проект „Млади, култура и активизам за промени“, кој заеднички го организираат Центарот за современа уметност – Скопје и DELI – Простор за креативна активност од Ниш. Проектот е финансиски поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).