ЕСМ за испадот на Блок 2: Имавме саботажа, се води истрага

Макфакс

21/06/2025

17:34

246

Големина на фонт

а а а

ЕСМ реагира на денешните обвинувања на СДСМ за тендерот за технолошко чистење во РЕК Битола, тврдејќи дека се работи за лаги, а компанијата ги исполнила сите критериуми.

„Во врска со континуираните дрски и лажни обвинувања од СДСМ – уништувачите на македонскиот енергетски систем, ја информираме јавноста дека Техно Коп Плус ДООЕЛ Битола е избрана за компанија за технолошко чистење, откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик. Овој понудувач, понудил за 30% пониска цена од досегашната договорна. Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка. Договорот ќе биде склучен по истекот на овој период“, велат од ЕСМ.

Во однос на испадот на Блок 2 од мрежата, нагласија дека немало хаварија туку извесно е дека им се случила саботажа, а целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции.

Во меѓувреме, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, се преземаат проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања.

„Се вложуваат максимални напори за повторно ставање во функција на Блок 2 и Блок 3. И двата ќе бидат за многу кратко време спремни за синхронизација на мрежата а кој од нив ќе влезе, ќе одлучи раководството на РЕК Битола. Во овој период заради обемот на конзумот, нема потреба да “возиме” со 2 блока.

Во меѓувреме снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕ Осломеј, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на ел. енергија преку МЕМО“, се вели во реакцијата на ЕСМ.