[ВИДЕО] Европа мора да се подготви за војна со беспилотни летала: „Денот Х“ може да се случи за 5 години

Точка

26/06/2025

21:55

1.041

Големина на фонт

а а а

Извештаите на военото разузнавање сугерираат дека руските сили би можеле да бидат подготвени да нападнат земја-членка на НАТО во следните пет години.

За да се одбранат, комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, вели дека на Европејците ќе им требаат милиони беспилотни летала и дека подготовките мора да започнат веднаш.


„Русија можеби има околу пет милиони дронови, па затоа ние мора да имаме уште поголеми капацитети ако сакаме да победиме“, изјави тој за Скај њуз, предупредувајќи дека ако Путин нареди напад, целта ќе биде соочена со руска војска способна да користи „повеќе милиони дронови“.

Револуција во војувањето со беспилотни летала

Инвазијата на Украина во 2022 година започна револуција во војувањето со беспилотни летала.

Соочени со една од најмоќните војски во светот, Украинците искористија евтина и приспособлива технологија во своја корист.

Украинските власти проценуваат дека нивните единици со дронови сега се одговорни за 80% од руските жртви на првата фронтовската линија.

Кубилиус ја посети Украина за од прва рака да ги научи лекциите од бојното поле. По должината на фронтот долг 1200 км се наоѓа област позната како „Долина на смртта“.

„Ништо не може да се движи. Сè е контролирано од беспилотни летала. Традиционален тенк преживува таму шест минути“, објасни тој, пренесе Скај њуз.

Украина ќе произведе четири милиони беспилотни летала

Оваа година, Украина планира да произведе повеќе од четири милиони беспилотни летала.

Зборувајќи за тоа колку беспилотни летала би требале да имаат другите земји, тој го даде примерот на својата Литванија. Поранешната советска република дели околу 900 км граница со Русија и Белорусија.

„Ако на Украинците им требаат четири милиони за 1.200 км, нам нѝ требаат нешто околу три милиони дронови годишно ако започне војната, ако дојде „Денот X“, рече тој.

За да останат чекор напред, и Русија и Украина постојано ја подобруваат својата технологија за беспилотни летала.

Поради ова, Кубилиус верува дека Европа во моментов не треба да складира беспилотни летала кои наскоро ќе станат застарени, туку да работи на градење тимови од пилоти, инженери и производители кои можат брзо да го зголемат производството кога ќе дојде време за тоа.

Две армии со милиони дронови – руска и украинска

„На европскиот континент, во моментов има само две армии кои имаат искуство во борба и можат да користат милиони беспилотни летала: едната е руска, која планира нови агресии, а другата е украинска“, рече тој.

„Имаме многу да научиме од Украина… како да организираме одбрана против милиони беспилотни летала и како да ја направиме нашата одбранбена индустрија иновативна“, додаде тој.


Многу експерти се согласуваат. Германскиот стартап „STARK“ тестира таканаречена скитничка муниција или „напаѓачки дронови“, подготвени да бидат испорачани во Украина. „Сè е дизајнирано за лесно ракување на бојното поле – без алатки, едноставно само се спојуваат компонентите“, рече потпретседателот на „STARK“, Јозеф Кранаветфогл, поранешен војник во германската армија.

Тој додаде дека тактиките и технологијата треба постојано да се приспособуваат. „Мора да се приспособувате секој ден. Во Украина, развојните циклуси се случуваат на секои 2-3 недели“, изјави Каранаветфогл.


Од почетокот на јуни, Русија постојано користи роеви беспилотни летала за да ја нападне Украина – стотици беспилотни летала во една ноќ.

На прашањето дали Европа е подготвена за таков напад, Јозеф одговори: „Гледам дека многу европски војски токму сега почнуваат да развиваат или купуваат беспилотни системи, што е добро, но сè зависи од времето. Како можеме да го забрзаме тоа?“.

Дрон за пресретнување

Друг германски стартап, „Алпин Игл“, во близина на француската граница, тестира дронови-пресретнувачи за Украина. „Ова е нашиот дрон за пресретнување“, објасни директорот Јан-Хендрик Боленс. Беспилотното летало може да таргетира непријателски дронови на растојание до 5 км.


Тој верува дека НАТО не е подготвен за напад како оние во Украина. „Според мене, апсолутно не сме подготвени, истакна тој.

Според него, Украина минатата година произвела околу 1,3 милиони беспилотни летала. „Би бил изненаден доколку НАТО купил дури и илјада минатата година. Мислам дека Германија купила можеби 100 или 200. Ако Украина троши 1,3 милиони годишно, тоа се 3.000 дневно. Ако имате 100 на залиха – тоа не трае ниту еден час“, додаде Боленс.


Руте најави дополнителни инвестиции

Германското министерство за одбрана одговори дека бројките „не ја одразуваат реалноста“, додавајќи дека „беспилотните летала сега се секојдневие за војниците, тие се сеприсутни и широко се користат во операции и обуки“.

Беспилотните летала се клучен дел од одбранбената стратегија на НАТО. На самитот на Алијансата, земјите-членки се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од БДП до 2035 година. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави дополнителни инвестиции во технологија за беспилотни летала и петкратно зајакнување на воздушната одбрана.


„Секојдневно сме сведоци на рускиот терор од воздух над Украина – и мора да бидеме способни да се одбраниме од вакви напади“, изјави Руте.