ДУИ: Нема да дозволиме Албанците да бидат третирани како граѓани од втор ред во сопствената држава

Макфакс

27/06/2025

14:50

132

Големина на фонт

а а а

Демократската унија за интеграција го осудува најновиот пример на намерна и систематска дискриминација на Албанците во државните и јавните институции.

Само во еден случај, велат од партијата на Ахмети, во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, биле реализирани 19 унапредувања, од кои 18 за Македонци, 1 за Турчин, а ниту едно за Албанец.

Ова, додаваат од ДУИ, е јасен показател за етничка исклученост и повреда на уставниот принцип за правична и соодветна застапеност, како и доказ за континуитетот на дискриминаторските политики што ги спроведува оваа влада.

„Оваа влада секојдневно дејствува како режим на етничка изолација, претворајќи ги јавните институции во ѕидови за Албанците. Наместо еднаквост, се спроведува исклучувачки систем кој унапредува само етнички селектирани лица, ги игнорира албанските професионалци и им ја ускратува можноста за професионален и институционален напредок. Сè започна со неуставното укинување на балансерот од страна на Уставниот суд, со цел да се создадат услови Албанците да бидат третирани како непожелни во државната и јавната администрација“.

Упатуваат апел до сите институции за транспарентност и одговорност и порачуваат дека ДУИ нема да дозволи Албанците да бидат третирани како граѓани од втор ред во сопствената држава.