Нов удар за СДСМ, Партијата на пензионери преминува кај ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

29/06/2025

16:29

365

Големина на фонт

а а а

Уште една партија ја напушта коалицијата на СДСМ. Партијата на пензионери официјално соопшти дека излегува од досегашната коалиција со СДСМ и дека на наредните локални избори ќе настапи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на партијата, Илија Николовски, изјави дека одлуката е донесена врз основа на волјата на членството, при што околу 90% од членовите се изјасниле дека сакаат коалиција со актуелната власт.
„Ние како Партија на пензионери досега бевме дел од коалицијата со СДСМ. Водевме дискусија во извршниот и централниот одбор. Од 100 присутни членови, само неколкумина предложија да настапиме самостојно, ниту еден не беше за останување со СДСМ, а дури 90% се изјаснија за коалиција со актуелната власт. Желбата на членството е јасна, да одиме со власта“,  изјави Николовски.
Партијата на пензионери ќе учествува на локалните избори со свои листи за советници во неколку општини, а во Карбинци ќе настапат и со кандидат за градоначалник.
„Имаме кандидати и ќе предложиме советник во Штип, во Карбинци ќе имаме и кандидат за градоначалник, а ќе настапиме и во Делчево и Пехчево“, додаде Николовски.
Покрај настапот на локалните избори, партијата најави дека ќе бара и учество во извршната власт на државно ниво – конкретно, министерски и директорски позиции.
Николовски истакна дека очекуваат зголемена вклученост на членството и подобра застапеност на интересите на пензионерите преку зголемен број на советнички места во општините.