Данок за немажени и неженети е спротивен на Уставот, човековите права и даночната правда, општеството не се гради со казни, велат од ДОМ

Макфакс

04/07/2025

20:14

370

Големина на фонт

а а а

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) загрижена поради најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можноста од воведување данок за немажени и неженети лица.

Ваквата најава, велат од партијата, претставува недозволив и опасен преседан кој директно ги повредува темелите на уставниот поредок, човековите слободи и начелата на еднаквост.

„Во Македонија, Уставот во член 9 гарантира дека сите граѓани и граѓанки се еднакви пред Уставот и законите, без оглед на нивниот личен статус. Воведување даночен товар врз основа на брачен статус е директна дискриминација и грубо кршење на ова уставно начело.

Дополнително, ваквата мерка е во спротивност со Европската конвенција за човекови права, конкретно член 8, кој ја гарантира правото на почитување на приватниот и семејниот живот, и член 14, кој забранува дискриминација при уживање на правата и слободите утврдени со Конвенцијата“.

Според ДОМ, во доменот на фискалната политика, предлогот е и против основните начела на даночната правда, односно на правичноста, неутралноста и еднаквиот третман на даночните обврзници.

Додаваат дека даночниот систем не смее да се користи како алатка за морална или социјална санкција, туку како инструмент за праведна распределба на товарот и за создавање еднакви можности.

ДОМ повикува на итно повлекување од оваа идеја и отворање на сериозна јавна дебата за правичен и недискриминаторски пристап кон демографските политики.

Длабоко сме уверени дека општеството не се гради со казни, туку со поддршка, еднаквост и почитување на човековото достоинство.