[ВИДЕО] Огромни поплави во Тексас, 24 мртви, 25 деца се водат за исчезнати

Макфакс

05/07/2025

10:10

817

Големина на фонт

а а а

Најмалку 24 лица се мртви, а десетици се водат за исчезнати, вклучувајќи 25 деца, откако вчера поплави погодија делови од централен Тексас. Исчезнувањето на околу 25 девојчиња кои беа во летниот камп го потврди вицегувернерот Ден Патрик. Досега се спасени повеќе од 237 лица.

„Во рок од 45 минути, реката Гвадалупе се искачи за 8 метри и имаше катастрофална поплава – одземајќи имот, а за жал и животи“, рече Патрик на прес-конференција во петокот.

Тој прочита изјава од Камп Мистик, во кој живеат околу 700 деца, во која се вели дека има „катастрофално ниво“ на поплави и имкажува на родителите дека ако не се контактирани, тоа значи дека нивното дете е наведено како безбедно.

„Тоа не значи дека децата загинале. Можно е да се надвор од домет“, додаде заменик-гувернерот, кој е вршител на должноста гувернер додека Грег Абот е на одмор.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, зборуваше за поплавите утрово. „Ужасно е“, рече тој, додавајќи дека поплавите се „шокантни“.

Поради сериозноста на ситуацијата, прогласена е вонредна состојба во некои области. Спасувачките операции и евакуациите се во тек од раните утрински часови, а властите предупредуваат дека може да има понатамошни поплави, дури и ако дождот не е обилен.

„Дури и со слаб дожд, можни се повеќе поплави“, рече вршителот на должноста гувернер Ден Патрик.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, рече дека државата ги обезбедува „сите потребни ресурси за Кервил, Инграм, Хант и целиот Тексас Хил Кантри кој се соочува со оваа катастрофална поплава“.

Погодената област од поплавата се наоѓа северозападно од градот Сан Антонио. Снимките од терен покажуваат ненадејни поплави кои ги преплавија мостовите и патиштата, а брзо движечката вода носи сè пред себе.

„Ве молам, не ризикувајте. Бидете внимателни, слушајте ги локалните предупредувања за вонредни ситуации и никогаш не возете низ поплавени патишта“, рече комесарот на Министерството за земјоделство на Тексас, Сид Милер.

Канцеларијата на шерифот на округот Кер го опиша настанот како „катастрофална поплава“ и потврди дека имало жртви. На граѓаните што живеат во близина на потоци, речни текови и реката Гвадалупе им беше советувано веднаш да се евакуираат на повисоки места.