Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера во Белата куќа потпиша голем пакет даночни олеснувања и намалувања на јавните трошоци, на церемонија на отворено по повод Денот на независноста што личеше на негов политички митинг.
Со воени авиони во воздух и стотици поддржувачи зад себе, Трамп го потпиша законот еден ден откако Претставничкиот дом, доминиран од републиканците, го одобри со тесно мнозинство. Законот, кој би ги финансирал и антиимиграциските мерки на Трамп и би ги направил трајни намалувањата на даноците од 2017 година, би можел да лиши милиони Американци од нивното здравствено осигурување.
Беше усвоен со 218 гласови „за“ и 214 „против“ по емотивна дебата во Претставничкиот дом. „Никогаш не сум видел толку среќни луѓе во нашата земја поради тоа“, рече Трамп.
„Законот се грижи за толку многу различни групи луѓе: војската, цивилите од сите видови, бизнисите од сите видови“, рече Трамп на церемонијата, заблагодарувајќи им се на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, и на лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, за протуркувањето на законот низ двата дома на Конгресот.
„Значи, имате најголемо намалување на даноците, најголемо намалување на трошоците, најголема инвестиција во безбедноста на границите во американската историја“, рече Трамп.
Трамп закажа церемонија на Јужниот тревник на Белата куќа за Денот на независноста на 4 јули и нареди прелетувања на бомбардери и борбени авиони како оние вклучени во неодамнешните американски напади врз нуклеарните постројки на Иран. Присуствуваа стотици поддржувачи на Трамп.
По говорот што вклучуваше фалбени тврдења за подемот на Америка под негово водство, Трамп го потпиша законот, позираше за фотографии со републиканските конгресни лидери и членови на неговиот кабинет и се проби низ толпа среќни поддржувачи.
Усвојувањето на законот е голема победа за Трамп и неговите републикански сојузници, кои тврдат дека тој ќе го поттикне економскиот раст и ги игнорираат непартиските анализи кои предвидуваат дека ќе додаде повеќе од 3 трилиони долари на националниот долг од 36,2 трилиони долари.
Иако некои пратеници од партијата на Трамп изразија загриженост за финансискиот товар на законот и неговото влијание врз програмите за здравствена заштита, на крајот само двајца од 220-те републиканци во Претставничкиот дом гласаа против него.