„Најдобриот разговор досега“ – Зеленски по телефонскиот повик со Трамп за системите „Патриот“ и одбраната на Украина

Макфакс

06/07/2025

08:47

501

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша својот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп како најдобар во целиот овој период, велејќи дека бил максимално продуктивен.

Во своето вечерно обраќање на 5 јули, Зеленски истакна дека главната тема на разговорот биле системите за воздушна одбрана, особено американскиот систем „Патриот“, кој Киев го смета за клучен за одбрана од руски балистички ракети.

„Патриот е клучен за заштита од балистички ракети. Разговаравме и за неколку други важни теми што нашите тимови ќе ги разгледаат детално на претстојните состаноци“, рече Зеленски.


Трамп и Зеленски разговараа еден ден по телефонскиот повик на Трамп до Путин. Според Зеленски, постигнат е договор за зајакнување на украинската воздушна одбрана во време кога Русија ги интензивира нападите врз украинските градови.

„Ова беше веројатно најдобриот разговор во целиот овој период, беше максимално продуктивен. Разговаравме за темата за воздушна одбрана. Благодарен сум за подготвеноста да се помогне“, рече Зеленски.

На 3 јули, Трамп им рече на новинарите дека разговорот со Путин не донел никаков напредок.

„Многу сум разочаран од разговорот што го имав со претседателот Путин денес. Бидејќи не мислам дека сака да престане. И тоа многу ме разочара“, рече американскиот претседател.

Односите меѓу Украина и САД претходно беа затегнати поради притисокот од Белата куќа Киев да потпише договор за експлоатација на минерали, како и обидите за наметнување мировен договор со Москва што не исклучува големи територијални отстапки од Украина.

Разговорот на Зеленски со Трамп се случува во моментот на пауза во американската воена помош за Украина, за што претходно објавија американските медиуми. На 3 јули, Трамп ги отфрли тврдењата дека Вашингтон ги запрел испораките на оружје, нарекувајќи ги неточни.