Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се шест случаи на управување на возило под дејство на алкохол, односно шестмина возачи кои што се исклучени од сообраќај и против кои што ќе бидат поднесени кривични пријави.
Така, вчера вечер околу 23.00 часот во Македонска Каменица, полициски службеници при сообраќајна контрола на улицата „Осоговска“ во Македонска Каменица го лишија од слобода И.И. (43) од село Косевица, кој управувал патничко моторно возило „Ауди“, без стекната возачка дозвола а под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,65 промили алкохол во крвта.
Потоа денеска (06.07.) во 01.30 часот, на улица „Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници од ПС за БПС Тетово, го лишиле од слобода Г.С. (42) од село Брвеница, кој што управувал патничко возило „Фолксваген Кади“ со измерени 2.05 промили алкохол во крвта, по што е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Во 00.35 часот во Стар Дојран, пак, полициски службеници од ОВР Гевгелија го лишија од слобода Д.Ј.(40) од дојранското село Црничани, кој што управувал патничко возило „Фиат“ под дејство на алкохол, односно со измерени 2.45 промили алкохол во крвта.
Денеска во 00.45 часот и полициски службеници од ОВР Прилеп на улицата „Браќа Миладиновци“ во Прилеп го лишија од слобода Ж.П.(55) од Прилеп, кај кого при сообраќајна контрола, додека управувал со патничко моторно возило „Фиат“, биле констатирани односно измерени 1,62 промили алкохол во крвта.
Во 02.16 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода А.А. (19) од Виница кој што управувал патничко возило „Фолксваген голф“ под дејство на алкохол, односно со измерени 1,92 промили алкохол во крвта, а пак полициски службеници од СВР Куманово во 01,28 часот го лишија од слобода С.С. (29) од Куманово, кој што управувал возило марка „Ауди“ под дејство на алкохол, односно со измерени 1,57 промили алкохол во крвта.