Европската унија тесно соработува со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со цел да се постигне трговски договор, но Брисел се подготвува за сите сценарија, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ние се држиме до нашите принципи, ги браниме нашите интереси, продолжуваме да работиме со добра волја и се подготвуваме за сите сценарија“, изјави Фон дер Лајен за време на нејзиното обраќање пред Европскиот парламент, пренесува Ројтерс.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Соединетите Американски Држави се „веројатно на два дена“ од испраќање писмо до Европската унија за воведување нови царини за увоз во САД, додавајќи дека доцнењето се случува затоа што ЕУ сега „се однесува многу убаво“ кон САД. „Европската унија разговараше со нас, со фон дер Лајен и со целата група, и тие беа многу љубезни“, рече Трамп, објави Гардијан.
Тој повтори дека до неодамна ЕУ се однесуваше кон САД „многу лошо и во многу аспекти многу полошо од Кина“. Трамп вчера изјави дека планираните царини ќе стапат на сила на 1 август и дека нема да има понатамошно продолжување.
Тој рече дека некои земји за кои се воведуваат царини биле информирани со писмо во понеделникот, додека други добиле официјално известување вчера, пренесува Танјуг.
Трамп информирал најмалку 14 земји за новите царински стапки што ќе стапат на сила на 1 август, истакнувајќи дека таквата царинска политика би можела да се промени со договор во областа на трговијата.