Кузеска бара оставка од Тошковски со порака дека нападот врз Арсовска е напад врз секој граѓанин

Макфакс

12/07/2025

13:47

211

Големина на фонт

а а а

Вчерашниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска е само последната и најгрозоморна потврда дека Македонија е под власт на криминализиран и авторитарен режим, кој не се двоуми да употреби насилство за да ги заштити своите интереси и да ги заплаши сите што зборуваат за корупцијата.

„Ова не беше само напад врз една градоначалничка. Ова беше порака до секој граѓанин, судија, обвинител, службеник – да не се осмели да чепне во криминалот на власта. Тоа е пораката што ја прати ВМРО-ДПМНЕ и министерот Тошковски со молкот и непостапувањето на полицијата“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Кузеска потенцира дека со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во државата преку ноќ се појавија организирани криминални групи кои делуваат недопирливо и очигледно се заштитени од институциите.

„Имаме министер за внатрешни работи кој лаже дека се намалил криминалот, а реалноста е над 25 убиства и обиди за убиства за една година. Се пука во градовите, умираат луѓе на улица, а Тошковски и понатаму тврди дека сè е под контрола“, рече Кузеска.

Таа потсети дека вчера во Батинци беше убиен армиски службеник од лице со активна потерница, што според неа е уште еден доказ за нефункционалниот систем и заштитата што ја уживаат криминалците.

„Ова не е држава, ова е тиранија. Полицијата молчи, правдата е парализирана, законот служи да ги штити насилниците наместо граѓаните. Криминалците го водат системот. Веќе нема дилеми“, нагласи Кузеска.

Таа посочи дека градоначалничката на Скопје со месеци укажува на криминал, а тоа директно ги погодува интересите на мрежите што власта ги одржува, особено во Скопје и Чаир. Физичкиот напад што се случи, додава Кузеска, е резултат на таа политичка поддршка на беззаконието.

„Панче Тошковски мора веднаш да поднесе неотповиклива оставка. Од надежен министер, за само една година стана извршител на мафијата. Насилството и криминалот царуваат, а тој стои немо и ги штити партиските бизнис интереси“, изјави Кузеска.